In Memoriam


Божидар Видоески

Видоески, Божидар (Божо) (08.11.1920, с. Звечан, Порече / Бродско — 16.05.1998, Сремска Каменица), лингвист, македонист, славист, основоположник на македонската модерна дијалектологија и ономастика, дописен член на МАНУ од 1969, редовен од 1974, странски член на ХАЗУ (тогашна ЈАЗУ) од 1986, на Полската академија на науките и уметностите (ПАУ) од 1994, на САНУ од 1997, др х.ц. на Шлонски универзитет во Катовице, Полска. За својата научна работа и за заслуги околу организацијата на науката во РМакедонија Видоески е одликуван со орден на трудот со златен венец (1965), со орден на трудот со црвено знаме (1979), со орден "заслуги за народ" со златна звезда (1987); добитник е на наградата 11 октомври за труд од областа на науката (1962) и за животно дело (1984).

Учи гимназија во Прилеп, Крагуевац и Скопје. Матурира во 1941, директно пред почетокот на Втората светска војна. По капитулацијата на Кралството Југославија во родното Порече, во состав на Кралската војска, учествува во движењето на отпорот против бугарскиот окупатор. Во 1942 осуден од бугарските власти на смрт во отсуство. Во 1944, по потпишувањето на договорот Тито-Шубашиќ, Видоески е еден од иницијаторите за спојување на Поречката бригада со Петтата народноослободителна бригада на НОВ. Повикан од раководството на НОВ во Горно Врановци, кооптиран е во раководството на Народниот фронт за Поречкиот крај.

Студира руска филологија на Белградскиот универзитет под раководство на А. Белиќ, потоа македонска филологија на Филозофскиот факултет на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје под раководство на Б. Конески. Дипломира на групата македонски јазик во 1949. Неговиот дипломски труд, Поречкиот Говор е објавен во 1950 во серијата Дипломски работи, кн.1. Докторира во 1957. Неговата дисертација Кумановскиот Говор (пишувана под менторство на Б. Конески, објавена Скопје, 1962) стана образец за сите подоцнежни дијалектолошки монографии на неговите колеги и ученици.Од 1949 до пензионирањето во 1986 работи на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филозофскиот, од 1973 Филолошки факултет на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје, како асистент, доцент, а од 1962 како редовен професор. Во1958/59 престојува на специјализација на Варшавскиот универзитет, Полска; држи курсеви по македонски јазик на универзитетите во Варшава и Краков, воспоставува со полските лингвисти блиски контакти, кои ќе доведат до отворање лекторат за полски јазик во Скопје (1959) и по македонски јазик во Краков, а подоцна и во Катовице

Во 1967/68 е виситинг профессор во Келн, Германија. Со предавања за македонскиот јазик и неговите дијалекти гостува на голем број европски универзитети. Со основањето на Институтот за македонски јазик "Крсте П. Мисирков" во Скопје во 1953 го организира во тој институт и го раководи Одделение за дијалектологија и ономастика, кое подоцна ќе се подели на две независни одделенија. Иницира широко замислена акција за собирање теренски дијалектолошки и ономастички материјал кој денес претставува основа на соодветните картотеки во Институтот. Плански пристапува кон подготвителните работи кои треба во иднина да доведат до остварување на еден од централните проекти на Институтот — дијалектниот атлас на македонскиот јазик. Од 1970 до смртта Видоески е главен редактор на списанието Македонски јазик, орган на Институтот.

Во МАНУ од 1971 Видоески го води проектот Меѓународни литвистички атласи, кој опфаќа Општословенски лингвистички атлас, Општокарпатски дијалектен атлас и Европски лингвистички атлас. Покрај тоа ги иницира и ги води проектите Македонските дијалекти во Егејска Македонија и Македонските дијалекти во Пиринска Македонија, а во периодот 1993—1998 и проектот Македонска научна и стручна терминологија, наследен по смртта на Б. Конески. Од 1983 до 1991 е секретар на Одделението за лингвистика и литературната наука на МАНУ.

Видоески работи во рамките на функционална структуралистичка теорија на јазикот, најблиска до традициите на т.н. прашки лингвистички кружок. Тој предложи детална разгранета класификација на македонските дијалекти, заснована врз генетски и типолошки критериуми, и ја претстави на низа карти, утврдувајќи го прецизно текот на ок. 200 клучни за таа класификација изоглоси. Монографски ги обработи сите основни дијалектни комплекси кои ја дефинираат македонската јазична територија, опишувајќи ги нивните фонолошки и морфолошки системи.Со расправата Морпхологицал Паттернс оф Имперфецтиве Вербс ин Диалецтс оф тхе Мацедониан Лангуаге (Балцанистица 10/1997) покажа — наспроти прифатените сфаќања — дека упростувањето на македонскиот глаголски систем е не помало од она во номиналниот систем. Монографски обработи неколку десетици фонолошки и морфолошки појави, клучни за дијалектната диференцијација на македонскиот јазик. Ги постави темелите на социолингвистичка анализа на македонските дијалекти, укажувајќи на јазичните разлики меѓу селските и градски дијалекти и меѓу дијалектите на Македонци православни и Македонци муслимани. Посебно внимание и посвети на македонско-албанската јазична интерференција на дијалектно ниво. Служејќи се со методот на внатрешна реконструкција, ја претстави историјата на јазичната диференцијација на македонската територија од одделувањето на македонскиот дијасистем од прасловенската јазична заедница до денес. Целиот свој работен век беше најблизок соработник на Б. Конески. Неговото познавање на мак. дијалекти било од голема помош при доуточнување на македонската стандардна норма, посебно во однос на глаголскиот систем. Неговите дијалектолошки работи, расфрлени по многу списанија во земјата и во странство, посмртно се издадени од МАНУ и фондацијата "Трифун Костовски" при МАНУ (Дијалектите на македонскиот јазик, том 1 1998, 2 и 3 1999, Фонолошките бази на Говорите на македонскиот јазик 2000). Од подрачјето на дијалектната лексика ја обработи Географската терминологија во дијалектите на македонскиот јазик (Скопје 1999, изд. на МАНУ). Собра и среди за печат Текстови од дијалектите на македонскиот јазик (Скопје 2000, изд. на ИМЈ).

Со мисла за идниот атлас на дијалектите на мак. јазик, состави прашалник (Прашалник за собирање материјал за македонскиот дијалекшен ашлас, изд. ИМЈ, Скопје 2000) и подготви карта-бланковка, остави во ракопис неколку стотици карти. Втората научна дисциплина која многу му должи на Видоески е ономастиката. Тој е автор на неколку десетици трудови од таа област, претежно посветени на микротопонимија. Го подвлекуваше значењето на ономастичкиот материјал за историјата на јазикот — многу негови трудови се занимаваат со таа проблематика. Беше член на Комисијата за словенската ономастика при Меѓународниот комитет на славистите и член на Комисијата за словенска ономастичка терминологија. Заедно со Т. Стаматоски ја обработи македонската ономастичка терминологија за томот Соустава а терминологие слованско ономастикз, Праха (ќ. Видоески е автор на Прилог кон библиографијата на македонскиот јазик (Скопје 1953, изд. на ИМЈ) — толковна библиографија на публикациите (монографии, статии, збирки јазичен материјал...) кои се однесуваат на македонскиот јазик и неговите дијалекти, а кои биле објавени заклучно со 1952. Прилогот е задолжителна позиција во библиотеката на секој македонист. ВИДОЕСКИ и натаму, се до 1986, собираше материјали за библиографијата на мак. јазик — тие станаа основа за Прилозите 3 и 4 подготвени од ИЦАЛ при МАНУ.

Видоески систематски следеше што пишуваат странските слависти за македонскиот јазик. Низа негови статии се посветени на развитокот на македонистиката надвор од Македонија. Полемизираше со ненаучни теории за формирањето и развитокот на мак. стандарден јазик, м.др. со X. Бирнбаум и О. Кронштајнер. Водеше посебна грижа за македонските лекторати во странство, нивната опременост, нивото и поставеноста во дадената средина. Многу од тие лекторати проработиле по негова иницијатива.

Видоески беше многу активен во бројните тела кои координираат научна дејност на подрачјето на славистичката лингвистика. Покрај споменатата Комисијата за словенска ономастика Видоески беше активен член на Комисијата за фонетика и фонологија при МКС. Неговата активност во комисиите за општословенскиот и општокарпатскиот атлас не се сведуваше само на доставување и интерпретација на македонскиот јазичен материјал. Тој беше член на редакциските колегиуми на двата атласа и значително придонесе кон оформувањето на нивната концепција. Од 1970 до смртта беше раководител на Југословенската комисија за Општословенскиот лингвистички атлас.

Како универзитетски професор Видоески оформи неколку генерации македонски дијалектолози и ономасти. Своите широки контакти во странските славистички центри знаеше да ги искористи за да ги заинтересира за македонистичката проблематика своите колеги слависти и нивните ученици. Повеќето странски македонисти, дијалектолози и историчари на јазикот, првиот поттик да се занимаваат со мак. јазик и неговите дијалекти му го должат токму нему. Тој им предлагаше теми за дисертации, не штедеше време да помогне во обработка на тие теми, а не ретко им ги предаваше на младите колеги сопствените теренски материјали. Посебно широко поле за таквата активност му се отвори на Видоески кога стана директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, лишерашура и кулшура во Охрид. На таа должност остана од 1970 до 1978 и тоа беа години на најголем расцут на Семинарот и најшироко учество во неговата програма на видни славистички имиња од странство. По иницијатива на Видоески во програмата на Семинарот од 1974 е вградена неколкудневна научна дискусија на релевантни актуелни теми поврзани со македонскиот јазик, литература и култура, замислена како форум за размена на мислења меѓу македонските и странските македонисти. Покрај нивниот научен придонес, тие дискусии служат и како форма на иницијација на младите учесници на Семинарот во сложената проблематика на разни гранки на македонската филологија. Контактите стекнати и продлабочувани на Семинарот му овозможија на Видоески да придобие многу реномирани странски автори за двете македонски стручни списанија, во чии редакции учествувал, Македонски јазик и Прилози на Одделението за литвистика и литературна наука (ОЛЛН) на МАНУ. Активноста во рамките на охридскиот Семинар е само еден аспект од богатата активност на Видоески како организатор на науката. Како шеф на Катедрата за мак. јазик, раководител на две одделенија во ИМЈ, секретар на ОЛЛН при МАНУ тој иницира и организира безброј научни собири, симпозиуми, конференции, како во рамките на земјата, така и од меѓународен карактер.

Во 1995 Видоески организира во МАНУ меѓународен собир Педесет Години на македонската наука за јазикот (материјалите се објавени во истоимена книга во 1997), кој значи и педесет години негова научна активност и сестрани напори за создавање на македонската наука за јазикот. Преку прегледот на постигнатото ,собирот овозможи да се согледа што уште треба да се направи, а тоа беше и целта на организаторот. Кога двата меѓународни проекти од лингвистичка географија, Общеславянский лингвистический атлас и Общекарпатский диалектологический атлас завршиле со теренската ексцерпција и стигнале до етапа на картографирање на собраниот материјал,

Видоески прифатил двајца млади соработници и формирал во МАНУ мала дијалектолошка ќелија, која стана никулец на денешниот Истражувачки центар за арвална лингвистика. Видоески беше единствен, покрај Б. Конески, македонски лингвист кој македонската наука за јазикот ја согледуваше како целина и се чувствуваше соодговорен за организација и напредок на таа целина.